Првиот заменик-претседател на Владата, Изет Меџити, продолжува со посетата на Соединетите Американски Држави, каде што се сретнал со американскиот конгресмен Роберт Адерхолт.
Меџити по средбата изјавил дека со конгресменот Адерхолт се согласиле дека зајакнувањето и продлабочувањето на односите меѓу Северна Македонија и Соединетите Американски Држави треба да биде заеднички врвен приоритет.
„Беше посебна чест да се сретнам во САД со републиканскиот конгресмен од Алабама, Роберт Адерхолт. Во пријателска атмосфера разговаравме за многу теми, секоја од нив поважна од другата за иднината на Северна Македонија и нашите билатерални односи. Се согласивме дека зајакнувањето и продлабочувањето на односите меѓу Северна Македонија и Соединетите Американски Држави треба да биде заеднички врвен приоритет. За време на разговорот го потврдив нашиот веќе познат став дека интеграцијата во Европската Унија нема алтернатива и дека Северна Македонија е фактор на регионална стабилност“, изјавил Меџити. Тој понатаму додал дека, како наш главен сојузник, партнерството со САД е и стратешко и вредносно.
„Поддршката на Америка е неизменлив столб за одржлив развој на Северна Македонија. Затоа, му благодарам на конгресменот Адерхолт за континуираната и натпартиска помош на САД за нашата земја“, заклучил во својата изјава првиот заменик-претседател на Владата на Северна Македонија, Изет Меџити.