Мицкоски: Реконструкцијата на студентските домови „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“ ќе заврши до 2026 година

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарското прашање во врска со текот на реконструкцијата на студентските домови во Скопје, кои имаат значаен придонес за подобрување на студентскиот стандард, информираше дека во тек е реконструкција на два студентски дома, „Кузман Јосифовски-Питу“ и студентскиот дом „Стив Наумов“, за кои се очекува за година и половина од денеска или до 2026 година да биде завршена.

„Во тек е реконструкција на два студентски дома, проектот е вреден 17 милиони евра. Тоа е студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ и студентскиот дом „Стив Наумов“. Таму се менува комплетно инсталацијата, фасадите, арматурата, начинот на затоплување и ладење, се монтираат сончеви панели, енергетски ефикасни објекти. 

И навистина, за година и половина од денеска очекувам, или кон крајот, еве да речеме на 2026 година, да имаме два навистина репрезентативни објекти, во коишто студентите ќе можат да живеат, да учат, да напредуваат и да го стекнуваат и разменуваат своето знаење“, објасни премиерот.