Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа како тече изградбата на ветените патишта низ државата, изјави:
„Изградбата, ако се спореди со тоа како напредува сега и каква беше во истиот период, да речеме пред една или две години, можам да кажам дека разликата е десеткратно подобрена, во насока на динамиката.
Сведоци бевте на почетокот на годината дека се пуштија во употреба неколку експресни делници, меѓу кои и делницата Чатал-Длабочица-Крива Паланка, односно Страцин-Крива Паланка. Исто така делницата од Градско до Дреново практично сега треба да биде комплетирана. Да се продолжи и понатаму со реализација на овие проекти.
Понатаму со несмалена динамика се реализираат и коридорите 8 и Коридорот 10Д, тоа што беше заглавено со години сега се одглавува, веќе фронтот е отворен. Очекувам дека до крајот на следниот месец експропријацијата, имотно-правните односи ќе бидат разрешени, со што се отвара фронт за градежните компании.
Истовремено се бара решение за делницата Требениште-Ќафасан, бидејќи знаете дел од таа делница е во периметар заштитен со УНЕСКО, се разговара со компанијата изведувач.
Истовремено со не смалена динамика се работи на делницата од Кичево до Охрид. Очекуваме од Врбјани до Охрид, со исклучок на делот кај Ботун, да биде, исто така пуштена.
Првата секција од пругата кон Бугарија, Куманово-Бељаковце е пуштена, се работи на делот од Бељаковце до Крива Паланка. Се разговара со источниот сосед, со Бугарија на високо ниво околу третата секција и делот којшто припаѓа во Бугарија. Бидејќи кажав и вчера, ќе повторам, Коридорот 8 подразбира поврзување на Драч и Бургас. Коридорот 8 не подразбира поврзување на Куманово и Крива Паланка. Затоа сакаме да знаеме јасно какви се плановите на нашите соседи. Ние нашето си го завршуваме, граѓаните ги плаќаат кредитите што ние ги земаме како држава и градиме. Сакаме да видиме што ќе се случува во Бугарија и во Албанија, тоа е практично Коридорот 8.
Така што ценам дека динамиката е исклучително добра и очекувам во периодот којшто следи уште многу убави вести за македонските граѓани.“