Националното координативно тело за следење на состојбите со недискриминација и реализацијата на законите, подзаконските акти и стратешки документи во оваа област (НКТ) денеска ја одржа првата конститутивна седница со која претседаваше министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани.
Во своето обраќање пред присутните членови министерот Лимани се осврна на важноста на борбата против дискриминацијата која претставува кршење на човековите права и напад врз општеството во целина.
„Неинформираноста, стереотипите и предрасудите се клучните причини за постоењето на дискриминацијата. Наша заедничка одговорност е да создадеме услови за остварување на квалитетно живеење. Во оваа насока спроведувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација претставува инструмент за конзистентно справување со сите облици на дискриминација по било која основа,“ истакна Лимани.
Министерот се осврна на јасната државна Стратегија за Еднаквост и Недискриминација 2022-2026, како и подготовката на вториот Акциски План за нејзино спроведување со временска рамка 2025-2026. Притоа го нагласи како особено важно воспоставувањето на Националното координативно тело за еднаквост и недискриминација кое претставува практична алатка со широки надлежности во однос на следењето на состојбата, давањето на конкретни предлози во насока на подобрување на системот во државата.
Министерот Лимани во своето обраќање пред присутните изрази загриженост за зголемувањето на присуството на говорот на омраза социјалните мрежи. Кое што според него треба јавно да биде осудено и да се промовира солидарност со жртвите, а сторителите да се санкционираат. Ова беше посочено како едно од прашањата кое ќе биде во фокусот на работата во иднина, да се креираат и имплементираат мерки со единствена цел да се обезбеди недискриминирачко општество и развој на свеста кај населението.
„Министерството за социјална политика, демографија и млади и Владата на Република Северна Македонија ќе продолжи да се бори против социјалната исклученост и дискриминација, ќе ја промовира социјалната правда и заштита, рамноправноста меѓу жените и мажите, солидарноста меѓу генерациите и заштитата на правата на сите граѓани на Република Северна Македонија,“ порача Лимани на крајот од своето обраќање.