Министерот Сугарески се сретна со лицата на кои им е престанат работниот однос во Еурокомпозит: Владата, раководството на компанијата, Сиер и Синдикатот да работат на решение за барањата на поранешните вработени

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, како претставник на Владата на Република Северна Македонија, денеска оствари средба со претставници на синдикатот на индустрија, енергетика и рударство и претставници на вработените на кои им е престанат работниот однос во компанијата „Еурокомпозит 11 Октомври“ од Прилеп и притоа ги ислуша нивните барања. 

Претседателот на Владата Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев и министерот за финансии, Драган Тевдовски, во моментот се на службено патување во Брисел, каде присуствуваат на форум во организација на ЕБОР и поради тоа не беа во можност да се сретнат со нив.
    
На оваа средба е предложено во понеделник, 10-ти јуни, да се одржи состанок во поширок состав, на којшто освен претставници на Владата, ќе присуствуваат и директорот и останатите раководни органи во „Еурокомпозит 11 Октомври“, претставници на здружението на лицата на коишто им престанал работниот однос во фабриката, претставници на синдикатот на вработените во компанијата, како и претставници од Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство на кој би се разгледале сите барања од сите засегнати страни, ќе се утврдат приоритети и ќе се пристапи на креирање на динамички план за реструктуирање на оваа компанија во државна сопственост.