Учество на Националниот координатор за СНЕ и БПТ на меѓународната работилница во Хаг, Кралството на Холандија во организација на проектот на ЕУ за „Интегративно управување со внатрешната безбедност“ (IISG)

Во периодот од 22 до 25 Мај, 2019 година, во Хаг - Кралството Холандија во организација на проектот на ЕУ за „Интегративно управување со внатрешната безбедност“ (IISG) беше организирана работилница за запознавање на Интернет референтната единица (IRU) на ЕУ за Западен Балкан. На работилницата присуствуваа претставници од земјите од Западен Балкaн и од Европската Унија. Република Северна Македонија беше претставена од Националниот координатор за спречување на насилен екстремизам (СНЕ) и борба против тероризам (БПТ), Борче Петревски и претставник од Министерството за внатрешни работи.

Целта на оваа работилница беше продлабочување на знаењето во врска со мисијата на IRU, надгледување на Интернетот и референтниот процес, како и проектите на Еуропол и алатките за онлајн истраги. Дополнително претставниците на Еуропол се запознаа со актуелните состојби на онлајн истрагите, стандардите и потребата за понатамошно нивно унапредување во  земјите од Западен Балкан.

За време на работилницата беа претставени и анализирани оперативни процеси и алатки поврзани со онлајн истраги за насилен екстремизам и радикализација, како и платформи на ЕУ кои што се употребуваат за онлајн истраги и размена на информации на меѓународно ниво. Исто така, се дискутираше и за референтниот процес на онлајн радикализацијата.

Резулатот од оваа работилница беше позитивен со оглед на тоа што сите земји од Западен Балкан се наоѓаат во почетна фаза на градење на капацитетите за онлајн истраги на насилен екстремизам и радикализација.