Транскрипт од прашањата на медиумите и одговорите на премиерот Спасовски на 9-ти мај 2020, свеченоста по повод Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа

Ве молам дали може да ни кажете повеќе за заклучоците од вчерашната седница на Владата, а во врска со настанот во Струга? СДСМ ја побара оставката на министерот за внатрешни работи Чулев, но доколку тој ја даде, Собранието не е во функција да го разреши и да ја прифати оставката.

- Ние донесовме заклучоци на седницата на Владата. Прво побаравме сите надлежни институции целосно да го разрешат овој случај и за организаторите и за оние коишто присуствувале, кои не ги почитуваат одлуките на Владата и со тоа директно го доведуваат во прашање животот и здравјето на граѓаните, да се отворат постапки. Исто така, побаравме да се отвори постапка и во делот на организација на настанот во МВР. Знаете дека таму имавме и вербален напад на новинари. Владата тоа го осуди вчера и побара брза реакција од Министерството за внатрешни работи и од другите надлежни институции за да можат да преземаат соодветни мерки. Заради тоа што, ако слободата на мислата, на уверувањето, искажувањето итн. е базичен принцип за којшто говорев претходно, за формирањето на македонската држава, тогаш сигурно мораме да реагираме и во однос на овој настан. Секако дека оставката е и морален чин. Ние, се наоѓаме во време коешто не е нормално, коешто не изместува сите нас од обичниот начин на живеење и време коешто ќе бара некоја нова нормалност во идниот период. Меѓутоа, непочитувањето на одлуките, неактивирање на полициските службеници тоа да го казнуваат, да преземаат соодветни мерки, секако дека бара и одговорност.

Дали ќе има избори и кога? Вашиот став, во врска со Одлуката на ИВЗ да ги отвори џамиите на 12-ти април?

- Во однос на изборите, дали ќе има, ќе има избори, само прашање е кога. Тоа ќе го одлучиме на лидерската средба. Јас се надевам дека лидерската средба ќе донесе и таква одлука којашто ќе се води од интересите на државата и граѓаните, а притоа оставајќи ги сите политички интереси коишто ги имаме, затоа што времето на пандемијата, на оваа здравствена криз, на сето она што ни се случува во државата, бара висока политичка одговорност и јас очекувам дека ќе се постигне договор на лидерската средба во однос на одржувањето на изборите. Впрочем, тогаш кога е и можно во однос на сите правни активности. Во однос на отворањето на џамиите, односно за одлуката на Исламската верска заедница, јас го кажав мојот став за сите верски заедници дека тие треба да ги почитуваат одлуките коишто ги носи Владата. И нема организација, дали е тоа верска, политичка, дали е поединец, кој не треба да ги почитува овие одлуки, затоа што овие одлуки, не се од политичка причина, овие се одлуки за заштита на животот и на здравјето на граѓаните. Апелирам, да си ја преиспитаат сопствената одлука, во делот на отворањето на верските објекти. Меѓутоа, исто така, укажувам и Македонската православна црква да се однесува сериозно, затоа што направи низа пропусти изминатиот период.

Премиере, денеска заседава Комисијата за заразни болести, каков е ставот на Владата, во врска со отворањето на угостителските објекти, рестораните, кафулињата од понеделник? Дали како Влада имате изградено став, каква одлука ќе биде донесена, бидејќи претходно најави министерот за здравство Филипче?

- Владата на Република Северна Македонија, ги гради ставовите исклучиво, врз база на науката. На база на оние, кои се стручни во областа, затоа што здравјето на граѓаните не може да биде во рацете на политичарите. Мора да биде во рацете на оние коишто се грижат за нашето здравје, а тоа се лекарите и медицинскиот персонал, сите оние коишто посветено во изминатиот период, 2, 3, месеци работат на зачувување на нашето здравје. Комисијата за заразни болести, денеска расправа, разговараат, околу сите овие аспекти, имајќи ги предвид настаните, случаите, коишто се во делот на корона вирусот. Потоа ќе заседаваме и на Главниот оперативен штаб, во однос на овие мерки и на крајот Владата ќе расправа и ќе донесе одлуки. Одлуките ќе бидат исклучиво базирани на стручните луѓе. 

Неколку земји, веќе ги најавија плановите за отворање на границите, каков е случајот со нашата земја, има ли некаков план за отворање на напите граници?
 
- Ние имаме план во однос на сите активности коишто ни се случуваат, односно сите работи кои треба да ги преземеме како мерки во наредниот период. Едно од тие прашања, е секако отворањето на границите. Тоа, нема да зависи само од нашата земја, туку ќе зависи од сите земји во регионот. Сè уште мислам дека треба да останеме тука и да не дозволуваме влез во Република Северна Македонија,  сè додека не се покаже и низ бројки и во државите во регионот, и внатре кај нас дека имаме намалување на епидемијата во рамки во кои можеме да дозволиме отворање на границите и слободно движење на граѓаните. Наша желба е тоа да се случи поскоро, меѓутоа тоа зависи од сите нас, колку сите заедно ќе се однесуваме сериозно и одговорно кон оваа криза. Тоа го повторувам од првиот ден на кризата, толку побрзо ќе завршат и сите овие мерки и ќе се вратиме во таа нова нормалност, која нè очекува.

Дали сметате дека јуни е идеално време да се одржат избори?

- Јас не знам дали е идеално време во јуни да се одржат изборите, но мислам дека најавите дека може да се врати уште еднаш оваа криза, по септември, мислам дека е неопходно да се одржат што е можно  побрзо парламентарните избори имајќи предвид дека на државата и се потребни функционални институции коишто ќе можат да носат одлуки за сите прашања од интерес на граѓаните. Меѓутоа, рековме дека тоа ќе биде детерминирано и од развојот на здравствената криза. Очекувам дека ефектите од сите мерки, кои досега ги преземавме, се добри и дека ќе дадат уште подобри резултати и дека ќе се создадат услови за да можеме да одиме на Парламентарни избори. Дали тоа ќе биде јуни, дали ќе биде почетокот на јули, како и да е, ќе се донесе одлука врз основа на тие стручни анализи.

Дали ќе има кратење, се најавува ребаланс, на расходната страна во Буџетот и дали се планира кратење на платите во администрацијата?

- Ние разговаравме неколку пати, во рамки на економскиот тим и економскиот совет. Секако ќе се разговара во наредните денови во делот на Ребалансот на Буџетот, наша идеја е да направиме кратење што ќе биде за функционирање на државата. Тука, пред  сè сметам дека капиталните инвестиции, кои создаваат добра економска активност, треба да останат максимално, за да може да ги одработиме сите тие проекти. На тоа сме насочени како Влада. Едноставно, ќе креираме Буџет, којшто ќе може да ја подржи економијата и во моменти кога ќе имаме услови за целосно враќање на економијата да биде македонската економија подготвена да се врати во полна економска активност. За платите на администрацијата, сега немаме таква одлука. Ги гледаме сите анализи, коишто стојат пред нас. Знаете, дека донесовме Одлука, јас сметам дека тоа беше една од најисправните одлуки, токму функционерите, ние што имаме и најголеми плати во државата, да ги намалиме на минимална плата. Уставниот суд го оспори тоа, но сепак тоа не беше наша одлука, туку на Уставниот суд. Меѓутоа.. Во меѓувреме сите функционери веќе ги донираат своите плати во Фондот којшто го формиравме за оваа криза КОВИД - 19.