Пазарната инспекција и Агенцијата за лекови и медицински средства да преземат мерки доколку утврдат дека има неосновано покачување на цените и злоупотреба на залихите на заштитните средства за спречување на пренесување на вирусот во аптеките

Владата на Република Северна Македонија ја поздравува одлуката на институциите и организациите на централно и на локално ниво кои одлучија да ја прифатат препораката да се откажат сите јавни собири до 6 март 2020 година.

Владата ги охрабрува сите останати, како и сите граѓани, да ја почитуваат препораката и со тоа да покажат одговорност и да дадат придонес за спречување на ширењето на корона вирусот.

Ќе се спроведе во целост задолжението до Пазарната инспекција и до Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Северна Македонија (МАЛМЕД) да се направи увид и контрола на залихите на заштитните средства за спречување на пренесувањето на вирусот во аптеките, и доколку се утврди неосновано покачување на цените ќе бидат преземени мерки соодветно за законските прописи и овластувања.

Владата на Северна Македонија ги уверува граѓаните и јавноста дека сите мерки што ги презеде Министерството за здравство, насоките на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, постојаниот мониторинг од кои произлегуваат секојдневните мерки и препораки на Кризниот штаб, на Комисијата за заразни болести, како и на Институтот за јавно здравје, ги постигнаа очекуваните резултати, и дека превенцијата и контролата за да се спречи ширењето на корона вирусот, се остваруваат целосно.