Премиерот Зоран Заев од Куманово по повод 11 Октомври: Го славиме денот кога започна сенародната борба за слобода и правда и од која во триумфот на победата го остваривме вековниот сон – сопствената и заслужена државност, земја членка на напредните заедни

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска се обрати на свеченоста по повод 11 Октомври – Денот на народното востание на македонскиот народ, што во организација на Владата на Република Северна Македонија се одржа во Куманово.

Обраќањето на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев ви го пренесуваме во целост:

„На денешен ден 11 Октомври - Денот на народното востание, нашите сограѓани во Куманово и Прилеп, се одважија и презедоа акции со кои го означија почетокот на сенародната борба за слобода и правда и во триумфот на победата го остварија вековниот сон – сопствената и заслужена државност.

Со овој голем историски чин започна и впишувањето македонската држава на мапата на народите на светот.

Патот на македонската држава е проследен со борба против сите форми на фашизам, репресии и неправда. Но, и со постојан стремеж за слобода, правда и еднаквост за сите чесни и добронамерни граѓани без разлика на пол, вера, убедување и народност, водени од желба за подобар живот. 

Денеска, стоиме тука во Куманово, во градот херој, горди, со кренати глави чувајќи го заветот на нашите државотворци. 

Поради храбрите борци на НОБ денес сите ние имаме патриотска должност да се обединиме во создавањето на едно праведно општество.   

Почитувани, 

Во темелот на македонската државност се вградени заложбите, напорите и саможртвата на  огромен број генерации. Генерации на борци кои не се штедеа себеси, ниту својата младост и своите животи. 

Благодарение на овој самопрегор, денес, Република Северна Македонија е меѓународно призната држава со сопствена  армија, со државна валута и со сите постулати на државност. Нашето место во Обединетите нации е кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. Македонскиот јазикот се користи слободно секаде во сите меѓународни институции, активности и настани. Во европските институции во Брисел и во Стразбур.

Одбележувањето на ваквите денови е најсилниот потсетник за начелата и вредностите кои не смееме да ги заборавиме, но и за патот по кој треба да продолжиме. 

Тоа е европскиот пат, патот кон демократските вредности. Патоказ, кој уште во самиот почеток на независната македонска државност граѓаните недвосмислено го посочија.

Почитувани,

Нашиот повик, борбата на сегашните генерации, е да обезбедиме развиена, безбедна и силно меѓународно интегрирана држава, во која младите ќе имаат просперитетна иднина.

Токму затоа, во минатиот мандат приоритетите ги насочивме на надворешен план.  Со упорност и одважност ги постигнавме  Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија и Договорот од Преспа со Грција,  со кои по децениско заостанување Северна Македонија направи пробив на меѓународен план.

Сето ова се реализираше првенствено низ полноправното членство на нашата држава во НАТО и со утврдувањето на почетокот за преговори со Европската Унија, како и низ градењето на партнерски однос со сите наши соседи. 

Благодарение на овие договори Северна Македонија од држава оставена на маргините, се претвори во активен чинител на меѓународната сцена. Денес нашата држава е ценет и посакуван партнер. Успешна приказна која започна да го менува наративот на Балканот.

Соседите денес ни се сојузници и силни поддржувачи на меѓународен план. Ова е од исклучително значење, токму сега, во пандемијата на КОВИД-19, кога со сите држави од соседството - Бугарија, Србија, Косово, Албанија и Грција, секојдневно заедно соработуваме во справување со кризата. 

Како дел од моќното НАТО семејство, како неизоставен дел од безбедносниот штит на најмоќниот воен сојуз во светот, нашата држава стана фактор за стабилност во регионот, извозник на безбедност.

Членството во НАТО ја редефинираше нашата улога на меѓународната безбедносна арена и ни овозможи активно да учествуваме во широк спектар на безбедносни мисии за колективна одбрана. Ги зацементиравме основите за зголемена стабилност и просперитет на нашата држава.

Со членството во НАТО не сме повеќе сами. Северна Македонија никогаш повеќе нема да биде ниту ставена под прашалник, ниту изолирана од светот. 

Почитувани,

Секоја генерација е должна да го понесе својот дел од товарот во борбата  за правда и праведно општество.

Пред три години, дома се соочивме со задушени демократски процеси, узурпирани институции, поларизирани меѓуетнички и меѓучовечки односи, со еден збор заробена држава. Држава која беше раководена од режим и во која стратешките цели и правдата, беа заменети со интересите на партијата.

Покажавме дека знаеме и дека имаме волја да ги решаваме горливите проблеми. Граѓаните ни ја дадоа довербата за нов четиригодишен мандат со јасна и недвосмислена порака за правда.

Бидејќи  мирот, не се остварува само и исклучиво тогаш кога нема конфликти и тензии, туку тогаш кога е максимално присутна правдата и владее правото.

Почитувани,

Доаѓа време на ред, правда и дисциплина. Новата Влада започна бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот на сите нивоа. 

Никој не е над законот. Кој не сака да го почитува законот, ќе се соочи со законот.

Патот на правдата понекогаш знае да биде бавен, но покажавме дека знаеме и можеме да се движиме во таа насока. И од овој пат враќање нема!

Kако Влада ќе бидеме партнер на сите чинители во законодавната, извршната и судската власт. Но, и на граѓанското општество, медиумите и групите од интерес, кои сакаат да придонесат кон градење на систем на правдата, што ќе им служи на граѓаните.

Почитувани, 

Светот го очекува неизвесна есен во која ќе се соочиме со многу предизвици. Борбата со пандемијата продолжува и ќе се вжештува. Ова секогаш мора да ни биде првата мисла при будење, додека не ја извојуваме и оваа битка со овој невидлив непријател. 
Но, како и светот, така и ние, ќе се справиме само ако сме здружени и ако ги почитуваме мерките. Токму затоа од ова место на непокор и стремеж за слобода сакам да испратам порака - Ова важи за сите, без исклучоци! 

Ова е нашата битка денес. Имаме невидлив непријател со кој очекувам да се избориме заедно, институциите и граѓаните. 

Почитувани,

Освен грижата да се зачува здравјето на граѓаните, во текот на оваа криза водиме борба за зачувување на секое работно место. 

Со антикризни мерки се обезбеди егзистенцијата за голем број граѓани, се зачуваа работните места и се одржува кондицијата на економијата. Особено се води грижа за ранливите категории граѓани и најпогодените економски сектори. 
Со тоа да обезбедуваме моќен рестарт и враќање на патеките на раст кои ги имавме пред кризата предизвикана од пандемијата.

Почитувани,

Нашата земја од заборавен патник на слепиот балкански коловоз, ја поставивме на шините кои водат кон македонска европеизација.

Имаме признание од меѓународната заедница за напорите кои ги вложуваме и резултатите во  областите  на фундаментални  вредности,  избори, владеење на правото, судството и борбата против корупцијата, од кои може да се заклучи  дека земјата е на добар пат и треба да продолжи со имплементацијата на веќе донесените закони и постоечки механизми.

Затоа ве повикувам сите да се приклучите и да дадете свој придонес и белег.

Во граѓаните гледаме коректив, но и партнер. Следете ја нашата работа и испраќајте гласни, конструктивни и аргументирани забелешки. Ние, како и досега, ќе го слушаме вашиот глас, ќе ги следиме вашите потреби. 

Сега кога се соочуваме со најголемата светска криза во новиот век предизвикана од КОВИД-19, водиме битка и со една од најопасните појави на новото време – феноменот на лажните вести.  Појава која за жал некогаш е убиствена, колку и самиот вирус. 
Во таа насока ја повикувам опозицијата да ги напушти тесноградите партиски интереси и да покаже државничко однесување.

Македонската државност е изнедрена од борбата за правда и еднаквост. На еднакви граѓани, кои заедно се посилни и можат да ги совладаат сите предизвици. 

Денес, кога имаме признаена држава со сите нишани, ни се отвора неповторлива можност самоуверено заедно да зачекориме по европскиот пат.

Ве уверувам, тоа е шанса која нема да ја пропуштиме!

Нека ни е честит и вековит 11 Октомври – Денот на народното востание!“.