Премиерот Димитар Ковачевски на Преспа Форум за дијалог 2023
Премиерот Димитар Ковачевски, на 15 и 16 јуни 2023 година ќе учествува на Преспа форумот за дијалог, кој годинава се одржува во Струга.
Овогодишниот форум има посебно значење за државата и за регионот, имајќи предвид дека на 17 јуни се обележува петгодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор меѓу Северна Македонија и Грција.
Премиерот Ковачевски ќе го отвори ПФД 2023 со обраќање на официјалното отворање на 15 јуни 2023 година, на панел сесијата на тема: „Договор од Преспа по пет години: предизвиците се претворија во можности“, а на 16 јуни пак, во рамки на премиерскиот панел, премиерот Ковачевски ќе говори за важноста од регионалната соработка, која е клучна во услови на геополитички превирања и силна поларизација на светот.
Премиерот Ковачевски предвидено е да одржи и билатерални средби со новоизбраниот претседател на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, со Ејми Е. Поуп, новоизбрана генерална директорка на Меѓународната организација за миграција, како и со Мануел Сарацин, специјален претставник на германската влада за Западен Балкан.
Програмата на Форумот ќе вклучи, меѓу другото, разговори за горливите регионални и европски политичко-безбедносни прашања, евроинтеграцијата на државите од Западниот Балкан, перспективите за зајакнување на регионалната соработка и добрососедските односи, борбата против корупцијата итн.
ПФД 2023 повторно ќе понуди платформа за дискусија и ќе собере на едно место домашни и меѓународни високи претставници, дипломати, истакнати личности од академската и деловната заедница, граѓанското општество и претставници на младински организации, кои ќе имаат одлична можност лично да ги споделат нивните анализи, мисли и идеи за широк обем регионални и меѓународни теми.