Сараќини: Четирите мали хидроцентрали во Теарце ќе донесат значаен економски раст
Министерот за економија Ваљон Сараќини денеска ја посети општина Теарце, по што заедно со градоначалникот Хисен Хасани и управителот на фирмата – инвеститор, Трајче Николов, изврши увид на изградбата на четирите мали хидроцентрали, што ги гради странската компанијата „СОЛ ХИДРОПАУЕР“ ДООЕЛ Скопје.
Со оваа компанија Министерството за економија има потпишано 4 договори за концесија на вода, на водотекот на реката Бистрица, каде веќе се реализираат градежните активности.
- Овој концесионер во општина Теарце ќе изгради вкупно 3 мали хидроелектрични централи со вкупен инсталиран капацитет од 7,5 mw, при што очекуваното годишно производство е проценето на околу 28 gwh,, а големината на инвестицијата би изнесувала околу 15 милиони евра, информираше Сараќини, додавајќи дека согласно обврските од договорите за концесија, концесионерот ќе уплаќа годишен надоместок за концесија во висина од 2 проценти од остварениот приход од продадената електрична енергија, почнувајќи од 2016 година, 50 проценти од овие 2 отсто ќе одат во буџетот на општина Теарце.
Министерството за економија во насока на локалниот и регионалниот развој потпиша и четири Договори за концесија за вода за изградба на четири мали хидроцентрали на река Одранска, со компаниите „СУПЕР НОУВА ЕНЕРГИ“ ДООЕЛ Тетово и ЕМК Мали хидроелектрани ДООЕЛ Скопје, со вкупен инсталиран капацитет од 3,4 mw, очекувано годишно производство од околу 14 gwh и висина на инвестиција 7 милиони евра.
- Во општината Теарце со изградбата на овие 7 мали хидроелектрични централи ќе се инвестираат над 22 милиони евра и тоа во наредните 2 – 3 години. Градежните активности во кои спаѓа околу 70 проценти од инвестицијата се реализираат од домашните локални компании со што ќе заживее локалната економија, додека пак во текот на изградба на сите 7 мали хидроцентрали ќе се ангажираат околу 200 луѓе, истакна министерот за економија.
Сараќини информира дека од вкупниот број на потпишани Договори за концесија, во моментот изградени се вкупно 17 мали хидроелектрични централи со инсталиран капацитет од 12 mw за кои до сега се инвестирани над 20 милиони евра.
Во моментот, во изградба се уште 15 мали хидроелектрични централи со инсталиран капацитет од 16 mw и очекувана инвестиција од 27 милиони евра, од кои половината од овие се очекува да бидат завршени до крајот на 2013 година, а останатите на почетокот на 2014 година.
Хисен Хасани, градоначалникот на општина Теарце, истакна дека ова е многу значаен момент за општината во поглед на економскиот развој и оти првпат почнато е да се инвестира во проекти кои вредат над 22 милиони евра.
Управителот на фирмата СОЛ ХИДРОПАУЕР Трајче Николов, истакна дека ова е најдобар пример за соработка помеѓу инвеститорот, локалната власт и централната власт, во поглед на реализација на еден проект, но и тоа дека до сега добро се одвиваат работите, двете МХЕЦ се веќе завршени а третата очекува да биде завршена до април 2014 година.