Болницата „8-ми Септември“ ставена во функција за потребите во справување со ширењето на инфекцијата на КОВИД-19

Капацитетите на Градската општа болница „8-ми Септември“ се ставени во функција за потребите во справување со ширењето на инфекцијата на коронавирусот КОВИД-19.

Болницата, која досега беше наменета за пациенти, коишто беа сомнителни или позитивни на коронавирусот, а им беше потребна друга здравствена услуга како интервенција - хируршка или во ангеографска сала или ендоскопска, врз основа на препораките на Главниот координативен кризен штаб за справување со КОВИД-19, во зависност од потребите ќе врши внатрешна прераспределба на материјалните капацитети и персоналот.

Во зависност од потребите во Болницата ќе се врши реорганизација на просторот и кадарот, а преку Тријажниот центар се прифаќаат пациентите.

Третина од капацитетот на Болницата во моментов е наменет за карантински оддел  со соодветни операциони сали и неопходна опрема за хируршки интервенции на сомнителни на КОВИД-19 пациенти.

Врз основа на воспоставени протоколи при приемот во болницата „8-ми Септември“ на лица кои се во животозагрозувачка состојба, тие ќе се третираат како позитивни на КОВИД-19, по што веднаш им се прави потребната интервенција и соодветно ќе бидат згрижени.

Пациентите, кои не се во животозагрозувачка состојба, а воедно се третираат како сомнителни на КОВИД-19, ќе бидат изолирани во болницата до добивањето на резултатите на тестот на коронавирусот.

Од „8-ми Септември“  наведуваат дека будно ја следат актуелната состојба со ширењето на КОВИД-19 и болницата е подготвена да се организира и соодветно да функционира според потребите на пациентите и дадената ситуација.